Petranka Kostadinova
Quick Facts
Biography
Петранка Костадинова Дојчиновска (1948, Сомбор — 3 февруари 2002, Скопје) била една од најпознатите естрадни уметници-интерпретатори на македонската народна и новокомпонирана песна.
Биографија
Родена е во Сомбор, Република Србија, како дете во семејство на бегалци од Егејска Македонија. Во нејзините детски години семејството прво се сели во Демир Капија, а девојачките години ги минува во Неготино. Песната ќе ја донесе во Скопје, кадешто формира семејство и има два сина. Кротката жена со топол глас, со кој знаеше да варира од рафиниран болежлив пискот, до нежно милување на ранети срца, толку типично и толку неизбежно во македонската народна песна, ги испеа најубавите македонски фолк рефрени "Не кажувај либе добра ноќ", "Кирјана", "Слушни ја сестро песната"...
Појавата на Петранка Костадинова, во македонската народна песна, беше онаа врзивна нишка, што го дава континуитетот на фолклорното творештво со новосоздадената музика. Всушност, нејзината појава е врзана со почетоците на авторизација на песните пишувани во духот на народната староградска песна. За првпат таа ги има испеано песните на Наско Џорлев, "Не кажувај либе добра ноќ" и "Во Струмица на улица", пред речиси триесет и пет години. Оттогаш, Петранка Костадинова во својот репертоар ги има испеано речиси сите македонски народни бисер- песни, но како и секој вреден интерпретатор, има барем една песна што се врзува за неговата интерпретација. Нејзина песна беше "Кирјана", иако не помалку знаеше да ги растрепери срцата и со "Ја излези стара мајко", "Едно малој моме", "Трај душо трај"... Во својата триесетгодишна кариера, Петранка учествуваше на речиси сите фестивали за новосоздадена песна, што се создаваа во Македонија, од кои ќе останат запаметени песните: "Леонид со мајка вечера" од првото "Валандово", "Мајсторе, мајсторе", "Две калинки", "Слушни ја сестро песната", "Мајка", дуетот со Ѓоко Дончев- "Името не го даваме", хумористичната песна испеана со Ленче Кукиќ- "Една куќа, две жени"... Во текот на својата богата пејачка кариера, нејзините песни беа дел од многу изданија на носачи на звук - аудио касети и ЦД-а.
Речиси сиот свој живот Петранка Костадинова била слободен уметник, иако својот живот го заврши како членка на Ансамблот за народни песни и игри „Танец“. Ненаметлива, скромна, приврзана за семејството, иако со својата песна го имаше минато речиси целиот свет, Петранка Костадинова, секогаш се потпирала само на својот неоспорен пејачки талент.
На 3 февруари 2002 година, во приквечерината, познатата пејачка загина во сообраќајна несреќа во центарот на Скопје. Пред несреќата, таа била во МРТВ за да ја направи студиската снимка на песната што требало да ја изведува на престојниот фестивал "ГОЦЕ ФЕСТ". Таа е воедно и нејзината последна снимена песна.
Петранка Костадинова важеше за една од најдобрите интерпретаторки на старите народни песни и не без причина го носеше епитетот доајен на македонската народна музика. Многу песни се испеани во нејзината 35 години долга кариера, а во последно време Костадинова често настапуваше на фестивали каде што се негуваше македонскиот фолклор.