Ljupka Matovska
Quick Facts
Biography
Љупка Матовска (моминско: Илиева; 13 август 1946 во Кратово) — македонска универзитетска професорка по болести на устата и забите на Стоматолошкиот факултет во Скопје.
Животопис
Родена е на 13 август 1946 година во Кратово, Македонија. Средно образование завршила во училиштетот за забари и забни техничари во Скопје. На Стоматолошкиот факултет во Скопје дипломирала во 1971 година. Со звањето специјалист по болести на устата и забите се здобила во 1975 г.
Магистрирала во 1976 година, а докторирала во 1982 година, исто така на Стоматолошкиот факултет.
Веднаш по дипломирањето, како стипендист на Републичкиот секретаријат за координација на научните дејности, во траење од година и половина (1972-1973), на Клиниката за дентална патологија и терапија ја изработила темата под наслов „Примена на кортикостероидите во третманот на периапикалните процеси“. Во 1973 година се вработила на Клиниката за дентална патологија и терапија и истата година била избрана за асистент на истоимената Катедра при Стоматолошкиот оддел на Медицинскиот факултет во Скопје. Во 1983 година била избрана во звањето доцент на Катедрата за дентална патологија и терапија, а во 1988 година била избрана во звањето вонреден професор. Изборот за редовен професор на д-р Љупка Матовска бил извршен во 1993 година.
Има остварено повеќе студиски престои во странство. Публикувала околу 100 статии, објавени во домашни и во странски публикации.
Автор е на монографијата „Патолошка дентална ресорпција“ (1984) и на учебниците „Кариологија“ и „Ендодонција“, како и соавтор на „Стоматолошки терминолошки речник“ (1999).
Професор Матовска била постојано општествено активна. Била секретар на Секцијата за болести на устата, забите и пародонтот на Македонија и на Стоматолошката секција при Македонското лекарско друштво и потпретседател на Здружението на стоматолозите од Македонија; истата функција ја извршувала и за Конгресниот одбор на I-от и II-от конгрес на стоматолозите од Македонија (1991, 1994). Била активен член на Сојузната работна група за термини и дефиниции на Комисијата за стандарди во Белград. Од 1977 г. проф. Матовска е член на Терминолошката комисија за стоматологија во Одборот за изработка на македонска стручна и научна терминологија при Македонската академија на науките и уметностите.
За својата плодна и долгогодишна дејност Матовска е добитник на разни награди и признанија.