Amernis Nokshiqi
Quick Facts
Biography
Амернис Нокшиќи - Јовановска (албански: Amernis Nokshiqi Jovanovska; Приштина, Косово, 3 октомври 1977) — македонска глумица.
Биографија
Своето средно образование го завршува во средното балетско училиште при ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ во Скопје, за потоа да се запише на Факултетот за драмски уметности. Во 2001 година дипломирала на отсекот актерска игра кај професорот Владимир Милчин. Мажена е за македонскиот новинар Борјан Јовановски.
Кариера
Нокшиќи е една од најплодните македонски глумици, која во својата актерска кариера, подолга од 15 години има остварено над 50 улоги во театар, на телевизиските екрани и на филмското платно. Нејзината театарска кариера ја означуваат соработки со режисери како Слободан Унковски, Владимир Милчин, Иван Поповски, Зоја Бузалковска, Дино Мустафиќ, Ќендрим Ријани, Сашо Миленковски, Коле Ангеловски, Наташа Поплавска, Лука Кортина и многу други. Со театарските претстави, таа гостува на многу театарски фестивали во светот како во: Белград, Сараево, Приштина, Загреб, Љубљана, Каиро, Краков, Моска, Санкт Петербург, Париз, Истанбул, Бурса и други. Играла и во телевизиски проекти како: „Погрешно време“, „Наше маало“ и „Министер“; и во филмски наслови како: првата македонска догма „Боли ли“ на режисерката Анета Лешниковска, понатаму, во „Коски“ на режисерот Милчо Манчевски, „Татко“ на Шќипе Нуредини, „Сакав да го видам сонцето“ на Џеват Чорај и други.
Награди
Добитничка е на повеќе државни и меќународни награди за најдобро актерско остварување. Во 2004 година, добива награда за најдобра женска главна улога во филмот „Сакав да го видам сонцето“ во режија на Џеват Чорај. Во 2011 година ја добива наградата за најдобра споредна женска улога во претставата „Кабаре“ на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, награда за најдобра главна женска улога за претставата „Прст“ во 2013 година, исто така на „Војдан Чернодрински“. За својата улога во претставата „Прст“ ја добива и наградата за најдобро актерско остварување на меѓународниот фестивал „Flaka e Janarit“ во Косово.
Добротворна работа
Во 2008 година станува дел од кампањата „Во прегратка на пријатели“ во огранизација на „Борка“, чија цел е да им даде поддршка на сите жени во нивната истрајност против ракот на дојка.